Ни претстои седмото издание на Скопје постер фестивалот, некогашниот студентски конкурс, кое прерасна во препознатлив, оригинален фестивал. Во рамки на годинашното издание на фестивалот освен изложбата на плакатите финалисти од 7. МСКП на тема „Дизајн за мир“ и изложбата на промо-постери и детски цртежи, на 6 декември 2014 (сабота) за прв пат во земјава ќе се оддржи Дизајн конференција. Фестивалот е поддржан од МКЦ и од Министерството за култура на Република Македонија.
Скопје постер фестивалот останува посветен на претходните изданија и повторно најавува богата програма со топ имиња од дизајнот. Скопје постер со гордост ви ги најавува Ива Бабаја – претседател на светската дизајн асоцијација Icograda и Давор Брукета –еден од најуспешните дизајнери во Југоисточна Европа, со 400 награди како признание за неговите генијални креативни проекти, Борут Вилд, еден од најинспиративните балкански дизајнери со над 100 меѓународни проекти, иницијатор на бројни успешни регионални дизајн збиднувања. На првата регионална дизајн конференција на тема „Состојбата на дизајнот на Балканот и негово интегрирање во едукативните процеси“ ќе имате можност да ги слушнете размислувањата на едни од најдобрите во својата област.
Од 4.12.2014 до 20.12.2014 под мотото “Дизајн за мир“ во рамки на 7-то издание на Скопје постер фестивал, ќе имате можност да погледнете идејни решенија на графички дизајнери од целиот свет кои на исклучителен начин ја искористиле својата креативност, а чија вредност треба да ја препознаат погоре споменатите жири членови, како и изложба на детските цртежи и постерите на дизајнерите кои земаа учество во рамки на акцијата „Цртаме за мир“.