Поставката на најдобрите 100 плакати од 10-те конкурси на СКПФ беше официјално отворена вчера на Академијата за уметност во Шчечин, Полска. Плакатите на млади дизајнери од цел свет, вклучително прво наградените и добитниците на почесни и посебни награди од изминатите десет изданија на фестивалот се дел од јубилејниот изложбен караван чиј почеток ја означи токму изложбата во Полска.
“Студенти од Австрија, Босна, Иран, Кина, Полска, Русија, САД и многу други земји, но и неколку плакати од Македонија, ќе пренесат моќна порака за глобалните и горливите теми. Дополнително ќе ја потврдат исклучителната моќ на социјалниот, културен, политички, некомерцијален медиум – постерот во подигање на свеста на јавноста и политичките чинители.” – посочија организаторите од Плакарт.
Во рамки на соработката на Плакарт со Академијата за уметност од Шчечин, претставникот на Плакарт – Гере Трипков одржа предавање на тема “10 години пасија кон плакатот”, преку кое ги презентираше децениските достигнувања и планови на Плакарт за делувањето на полето на графичкиот дизајн и креативните индустрии во Македонија, но и надвор од неа, вклучувајќи ги долгогодишните меѓународни иницијативи и соработки.
Презентацијата и претходеше на отворањето на изложбата, на кое кураторот Томаш Швиталски потенцираше дека овој конкурс е проект атрактивен за шчечинските студенти и обработува значајни, небанални теми од глобално значење и токму затоа е воведен во програмската академска настава и веќе неколку години привлекува голем интерес кај студентите на оваа значајна академија за графички дизајн.
Консеквентната соработка на академиите за дизајн ширум светот – вклучително од Македонија – со Скопје постер фестивалот дава позитивен пример за поттик и напредок на младите дизајн надежи и нудење платформа за нивно конкурирање и промоција во светски размери.
Изложбата на Академијата за уметност во Шчечин, Полска ќе биде отворена до 30 април, а плакатите произлегуваат од конкурсните теми: Толеранција, Беда наспроти Сиромаштија, Екологика, ХИВ/СИДА, Пари бесплатно, Граѓанин2020, Дизајн за мир, Сите за луѓе со попреченост, Криза на идентитет и Вештачка реалност.
По изложбата во Шчечин планирана е серија на изложби ширум светот, со што ќе се одбележи 10 годишнината на Меѓународниот студентски конкурс за плакат и Скопје постер фестивалот.