Месецот на плакат во Скопје официјално привршува со затворањето на изложбата од 7. Скопје постер фестивал на тема „Дизајн за мир”, но Плакарт-Здружението на дизајнери воедно ја отвора јубилејната патувачка изложба ”50 најдобри плакати | 2008 – 2012 ” во Варшава, Полска.
Со отворањето на изложбата во Варшава која ќе трае од 17 декември до 11 јануари, а која се реализира во соработка со Галеријата на плакат, Плакарт ги финализира проектите зацртани за 2014 година и се подготвува за нови предизвици во 2015 година. Поставката ја сочинуват 50 најдобри плакати од првите пет изданија на фестивалот на темите „Толеранција”, „Моќ наспроти сиромаштија”, „Екологика”, „Хив/Сида” и „Бесплатни пари”.
На свеченото отворање на изложбата меѓудругите присуствуваа и студенти од Академијата за убави уметности од Варшава, Краков, Вроцлав кои се редовни учесници и носители на највисоки признанија на постер фестивалот, професори и дизајнери од Варшава и Полска, почесниот претседател на Плакарт проф. Лех Мајевски, како и претставници од партнерските организации: престижниот Музеј на плакат, Биеналето на плакат, како и официјални лица од Бирото за меѓународна соработка и култура при градот Варшава.
За потсетување на 7от Скопје постер фестивал му претходеше поставката на плакати на Лазе Трипков која пак траеше од 17 ноември до 05 декември. Отворањето на постер фестивалот беше означен со изложбите „Дизајн за мир”, која вклучуваше селектирани студентски постери од вкупно 2023 пристигнати од 44 земји, кои учествуваа на конкурсот на истоимената тема, како и цртежи на деца од акцијата „Цртаме за мир” и постери во кои професионални дизајнери ги искористија мотивите од цртежите. Во рамки на фестивалот се одржа и првата регионална дизајн конференција на тема „Состојбите на дизајнот на Балканот и нивното интегрирање во едукативните процеси” на кои учество земаа Ива Бабаја – претседателката на светската асоцијација за дизајн, Давор Брукета од Хрватска, Борут Вилд од Србија, Ајшеѓул Изер од Турција и Мила Меланк од БиХ.