По успешниот фестивал ШУНД во Белград, Плакарт продолжува со мисијата да го промовира македонскиот дизајн и да ја продлабочи соработката со регионалните манифестации од областа на дизајнот.
Од 10-19 јуни Плакарт ќе учествува на 8то издание на One Design Week, еден од најубавите дизајн искуства од Балканот.
Неделата на дизајн One во Пловдив ќе биде отворена на 10ти јуни, кога и како дел од официјалната програма ќе биде отворена изложбата на плакати од 8. Скопје постер фестивал на тема „Сите за луѓето со хендикеп“. Плакатите ќе бидат изложени во Домот на културата Борис Христов.
Во рамки на програмските активности Плакарт ќе има уште едно претставување. На 12 јуни од 15 до 16 часот во Домот на културата Борис Христов ќе се одржи презентацијата на тема „Меѓународниот студентски конкурс за плакат – промотор на социјалниот плакат. Влијанието врз свеста на луѓето за општествени и глобални проблеми“.
Покрај Дизајн форумот, во кој оваа година учествуваат значајни дизајн професионалци како Еисуке Тачикава, Адам вон Хафнер, Петер Мариголд, Стевен Серато, во рамки на овој фестивал се одржуваат изложби, работилници, концерти, проекции, дебати, настани наменети за деца. Програмата може да ја погледнете на следниот линк: One Design Week 2016
One Design Week е во организација на ЕДНО, платформата која под својата капа ги има и фестивалите One Architecture Week и One Dance Week. Сите три фестивали од пред неколку години се под покровителство на општина Пловдив, претходно ЕДНО ги организираше истите во Софија. Во изминатите години гости на Неделата на дизајн One биле меѓудругите Матали Красет, Мишел Мариот, Ерик Кесселс, Стефан Сагмајстер, Давид Карсон.