Плакарт – Здружението на графички дизајнери го објави новиот 9ти Меѓународен студентски конкурс за плакат. Оваа година Советот на МСКП и Скопје постер фестивалот одлучи да стави акцент на темата на идентитетот како актуелно и горливо прашање со кое е засегнат светот.
Студентите на сите образовни нивоа (колеџи, високи школи, факултети, магисерски и докторски студии на уметност, дизајн, визуални уметности) може да аплицираат на 9. Меѓународен студентски конкурс за плакат до 30 октомври 2016 година.
Темата на овогодинешниот фестивал не случајно носи наслов „Криза на идентитетот“. Денес во глобални рамки се соочуваме со етничка, културна, верска, возрасна и полова идентификација и подвоеност. Врз идентитетските прашања е фрлено поинакво светло! – изјави организаторот Лазе Трипков.
Токму затоа младите дизајнери треба да се пронајдат себе си во оваа тема и да почувствуваат предизвик да го „кренат“ својот глас со цел културно влијаење на свеста на пошироката јавност и сите засегнати страни.
Двајца победници ќе бидат подеднакво наградени:
- Учество во жири селекцијата на 10. Скопје постер фестивал (вклучително и покриени трошоци),
- Организација на изложба на свои авторски плакати за време на 10. СПФ во 2017 година,
- ICOGRADA Сертификати.
Деветиот МСКП е поддржан од Министерството за култура и град Скопје, а фестивалски партнер ќе биде Музејот на град Скопје.
Автор на промотивниот плакат на 9. МСКП е маркантниот дизајнер од Русија – Петар Банков.
Жири членовите кои во текот на месец ноември ќе ги изберат победниците ќе бидат наскоро објавени.
За повеќе информации за конкурсот, начинот и условите за аплицирање на следниот линк – 9. МСКП Криза на идентитет