Три метро станици во метрото во град Порто, Португалија се местата каде се изложени плакатите од 8 Скопјепостер конкурс на тема “Криза на идентитет” како и плакати на португалските студенти од финалистите на 7. конкурс “Сите за луѓето со хендекеп”.
Како инаугурација на изложбата беше одржана дизајн конференција на грандиозната метро станица Сао Бенто во присуствно на претставници од градот Порто, јавното претпријатие за транспорт Метро Порто и на Универзитетот Лусофона од Порто, студенти, дизајнери, уметници.
Говорници на конференцијата беа Гере Постеров од Плакарт, Жорж Силва, професор и основач на студиото Силва Дизајнерс чија специјалност е илистрација, како и Мигел Наива, авторот на проектот за препознавање на бои преку симболи, кој е застапен во се повеќе градови низ светот и помага на милиони луѓе низ светот кои имаат потешкотии со препознавањето на бои.
Гере во својата презентација за работата на Плакарт во подигање на стандардите во дизајнот во Македонија и ширум светот истакна дека “Инспирацијата младите дизајнери треба да ја бараат во себе, да ја црпат од околината, од се што не опкружува и да бидат истрајни во патот до успехот оти иако е тежок, сепак на крај раѓа со плод”. Пред публиката во Порто, главно млади дизајнери, беше претставен историјатот на Скопје постер фестивалот, а воедно и новиот конкурс за плакат на тема “Artificial Reality”.
Жорж Силва, еден од највлијателнитеп за графички дизајнери и професор по илутрација на Факултетот за уметност во Порто, низ своето претставување потенцираше дека во работењето треба да се биде посветен, да се сака својата професијата и да се биде упорен. Тој го претстави своето портфолио и работа за најголемите магазини и весници во Португалија како нивен уметнички и креативен директор.
Мигел во својот говор објасни дека неговата иницијатива ColorADD ги разбива стереотипите, ја ублажува дискриминацијата и им помаѓа на луѓето со попреченост во распознавање бои да имаат нормален живот.
Изложбата е отворена до 10 јуни на метро станиците Сао Бенто, Алиaдош, Маркеш.
Овој проект се реализираше како резултат на соработката на Плакарт – Здружението на графички дизајнери и Универзитетот Лусофона од Порто, а со поддршка на градот Порто и Метро Порто – компанијата за јавен транспорт.