Плакарт – Здружението на графички дизајнери од Македонија прославува 10 годишнина од своето постоење и постоењето на првиот годишен студентски конкурс за плакат кој понуди бесплатно онлајн пријавување.
Советот на 10. Меѓународниот студентски конкурс за плакат, односно Скопје постер фестивалот, врз основа на популарноста, важноста на прашањето во глобални рамки и атрактивноста за младите дизајнери одлучи тема да биде „Вештачка интелигенција и реалноста“.
„На годинешниот конкурс студентите од Македонија ќе можат да се натпреваруваат со своите колеги од целиот свет на темата, која како и секоја година привлекува посебно внимание во глобални размери. Ова е горлива тема за бизнис елитите и политичките лидери, воедно претставувајќи глобално прашање кое ги засега и развиените, но и земјите во развој и неразвиените земји.“ – изјави Гере Трипков од Плакарт.
Крајниот рок за доставување на плакатите е 30 октомври 2017. Фазата на жирирање ќе се одвива во три фази, прелиминарна онлајн фаза, главна онлајн фаза и жири сесии во живо во Скопје пред отворањето на фестивалот.
Првонаградените ќе добијат можност да ги изложат своите дела во рамки на 11. Скопје постер фестивал во 2018 година, дополнително ќе добијат екслузивен пристап и учество во работата на жирито во текот на 11. СПФ и во сите програмски настани.
Повеќе за темата, условите за учество, наградите: 10. МСКП Скопјепостер конкурс
Меѓународното жири од еминентни дизајнери, едукатори и креативци надополнето со македонски дизајнери ќе биде објавено кон крајот на април, почетокот на месец мај.
Дизајнот на плакатот за овогодинешниот конкурс и фестивал го изработи маестралниот Мишел Буве, организатор на најголемиот фестивал за графички дизајн во Франција „Fête Du Graphisme“, професор, куратор, добитник на бројни меѓународни признанија.