Претставувањето во Србија, Литванија и Португалија беа само почеток на сезоната на изложби на Плакарт и Скопје постер фестивалот во 2017 година.
Во текот на месец јуни UNDP Macedonia го покани Плакарт за соработка во рамки на конференцијата на тема “Подобрување на сервисите за луѓето со попреченост”.
Во рамки на конференцијата, која се одржа на 12 и 13 јуни во Охрид, беа изложени плакатите од 8. Скопје постер фестивал на тема “Сите за луѓето со попреченост” дела на студенти по дизајн и визуелни комуникации од 25 земји.
Дводневниот настан ги соедини најзасегнатите страни кои ги покренуваат прашањата за потребите на најранливите категории на граѓани, вклучително од невладиниот сектор, меѓународните организации и јавниот сектор и државните институции. Учество во истата земаa министрите за труд и социјална работа и локална самоуправа Мила Царовска и Сухејл Фазлиу, амбасадорот на Република Австрија во Република Македонија Ренате Коблер, заменик-шефот на мисијата на Амбасадата на Швајцарија Стефане Томагиан, постојаниот координатор на UN и UNDP во Република Македонија Луиса Винтон.
Темите кои беа разгледувани беа во насока на подобрување на интеграцијата на луѓето со попреченост, разбивање на табуата, можности за поддршка на нивното активно вклучување на пазaрот на трудот, поттикнување мерки и политики кои ќе го олеснат нивното функционирање и вклучувањето во општествените процеси.
Изложбата на Плакарт и СПФ во рамки на конференцијата само докажува дека плакатот е уметност која зазема примарно место меѓу медиумите кои нудат брза, читлива и конкретна порака. За тоа сведочи големиот интерес на учесниците на конференцијата, дипломатскиот кор и претставниците на државната администрација.
Плакарт како здружение на визуелни уметници продолжува со поддршката на иницијативи кои имаат за цел подигање на свеста за најгорливите прашања на XXI век.