Изложбата која има за цел да го приближи полскиот плакат и мајсторството на полските големци на графичкиот дизајн беше отворена вчера во Музејот на град Скопје.

Поставката „Полската школа на плакат“ претставува проект кој се однесува на дела од периодот од 1950-та  до денес, а преку кој се доловува посебниот печат на плакатите од архивата на Музејот за плакат од Варшава чии автори се Томашевски, Лењица, Млодожењец,  Швиежи, Старовиејски, Вашилевски, Мајевски,  но и дела на помладите поколенија плакатисти – Кајзер, Каја, Черњаковска и Бајтлик. Изложбата ја надополнуваат дела од македонски претставник на полската школа на плакат, Лазе Трипков, како магистер на катедрата на Лех Мајевски на Академијата на убави уметности во Варшава.

На отворањето на вчерашната изложба амбасадорот на Република Полска Јацек Мултановски и директорот на Музејот на град Скопје Љубен Тевдовски, заедно со Лазе Трипков најавија дополнителни заеднички проекти кoи ќе бидат обелоденети наскоро – „Плакат за туристичка промоција на Република Македонија“, соработката во рамки на Скопје постер фестивалот, но и Годишната награда за плакат. Наградите за овие конкурси ќе бидат престој во Варшава, соработка во рамки на Скопје постер фестивалот.

„Благодарам на одличната поддршка на Амбасадата на Република Полска и на Музејот на град Скопје кои не поддржаа во напорите уметничката форма – плакат да добие посебно место во нашиот културен живот. Тоа е нешто на кое како Плакарт работиме долги години.“- изјави Лазе Трипков на отворањето.

Почетокот на полскиот уметнички плакат датира од 1899 година. Се карактеризирал со неспокојна сликарска форма, носталгична атмосфера и бил уметнички коментар за реалноста. Како уличен медиум стремел кон важни прашања и поставувал нова повисока интелектуална пречка. Полн со алузија, недовршени мисли, во форма на гротеска, но и забавен, им бил придружник на пољаците во најтешките моменти.  Со појавувањето на Хенрик Томашевски и Ерик Липињски, студенти на Академија за убави уметности во Варшава, значењето на полскиот плакат во светски рамки добива поголемо значење. Педесетите и шеесетите години од минатиот век се еден вид на ренесанса на полскиот постер. Хенрик и Ерик ќе се борат против тандетниот американски филмски плакат, ќе промовираат оригинален пристап за работа со театарски плакат, плакатот за претстави во циркус или општествениот плакат. Во наредните децении претставниците на полскиот плакат ќе го „форсираат“ хуманистичкиот и социјалниот плакат, со акцент на гледачот, каде плакатот претставува само прекрасен медиум.

Изложбата ќе може да ја погледнете до 26 април, а потоа ќе биде поставена во неколку градови ширум земјава.

Во текот на утрешниот ден, среда 20 април со почеток во 12:00 часот, Лазе Трипков ќе одржи предавање за студенти по визуелни комуникации и графички дизајн на тема „Полската школа на плакат“.

Фото-галерија од настанот

Галерија „Полската школа на плакат“

Skopje Poster

Skopje Poster

I am Skopjeposter and I am here to provide you with all needed informations. Please contact me in any matter!
Skopje Poster