Во изминатите 5 дена Скопје беше домаќин на многу регионални дизајнери кои го споделија своето искуство со македонските креативци.
Плакарт, како здружение чија улога е меѓудругото да креира можности за размена на искуства и зголемување на промоцијата на македонските дизајнери надвор од земјава и преку овој проект се обиде да ја постигне таа цел.
„ Како одговрен за програмските активности имав зацртано овогодинешното издание да биде едно целосно заокружен фестивал кој ќе ги опфати сите креативни сектори- продукт дизајнот, индустрискиот и графичкиот дизајн, како и модниот дизајн. Потребата во градот да постојат вакви манифестации е очигледна“ – изјави Лазе Трипков, програмскиот директор на фестивалот, воедно и лидерот на Плакарт.
Скопје креатива е фестивал кој постои 4 години, но со годинешното издание тој доби регионален предзнак. За ова сведок беа гостувачките изложби, гости и соработките со значајни регионални проекти. Еден од најталентираните млади автори на детски книги, типографот/дизајнерот Јан Бајтлик од Полска, чија кариера започна од Скопје постер фестивалот и кој одржа работилница за деца кои цртаа постер за 8. Меѓународен конкурс за плакат на тема „Сите за луѓето со хендикеп“ и работилниците на Изабела Рутковска која работи на проекти кои имаат за цел интервенција во јавен простор беа само дел од програмата. Марко Миладиновиќ од дизајн студиото Армада од Словенија, кое во своето портфолио има дизајни изработени за клиенти како JAT Airways и Jack Daniels, имаше фантастична презентација за брендингот и неговата улога, а Борут Вилд професорот и дизајнер, автор на многубројни дизајн регионални настани, одржа презентација за социјалниот дизајн и неговото влијание за креирање на свесност.
Трипков нагласи дека оваа година се воведени неколку новости – „Го освеживме концептот на фестивалот со воведување неколку новитети – големиот поп-ап стор, интерактивни работилници за деца, покажавме изложби кои досега не биле покажани во земјава и ги обединивме од една страна образовните институции, а од друга страна бизнис секторот“.
Во рамки на програмските активности поканети беа сите факутети од земјава кои во своите програми нудат креативни правци, но и Seavus едукативниот и развоен центар, а работилници и презентации имаа и општествено одговорните Пакомак и ОХО продукција.
Плакарт веќе 9 години е дел од случувања од сличен формат кои внесуваат свежина и ново ниво на креативна енергија, а меѓудругото и ги етаблираат дизајнерите и нивните интереси. Несомнено носечкиот проект на Плакарт – Скопје постер фестивалот и досега преку своите фестивалски програми инсистира на промоција на дизајнот и македонските креативци.
„Драго ни е што нашата соработка со македонските дизајнери се продлабочува“ – додаде првиот човек на Скопје постер фестивалот.
Работилници на Ласко Џуровски за типографски решенија и на Марија Ветероска за картички и мапи од стари дебармаалски градби наидоа на добар одзив. Неповторливоста на дизајните кои Костадин Танчев Динка ги има работено од 1960 до 1990 година беа дел од изложбата која е една од најзначајните за македонскиот дизајн во последниве години во земјава.
Фестивалот дополнително вклучуваше и презентации на тема маркетинг и ПР. Инспиративни презентации имаа и Слободан Јовановиќ, кој го претстави Пактивити проектот за дизајн награди од Србија и работењето на најзначаниот портал во регионот Designed.rs, а за интернетот и социјалните мрежи, кои се огромно поле за креативно изразување говореше експертот за друштвените мрежи Драган Варагиќ. Се одржаа и работилница на Мекен агенцијата за само-промоција и креирање препознатливо портфолио и дебата за дигиталната уметност и маркетинг во која учествуваа Ира Стефанов Бабиќ од Brand Union, Игор Вецовски и Русе Арсов од МКЦ.
Освен посочените настани фестивалот беше зачинет со фантастична музичка програма, инспиративни детски работилници, мултимедијални проекции, огромен Поп-ап стор, суператрактивни изложби како изложбата со екс-ју носталгични дизајни YUS .