Октомври е месец кој во дизајнерските кругови се смета за почеток на нова сезона на натпреварувања во категоријата графички дизајн. Плакатот – како медиум кој остава најголем впечаток кај публиката е значаен дел од овие светски збиднувања. Плакарт, здружението на дизајнери од Македонија и Скопје постер фестивалот беа дел од еден од најпрестижните биеналиња за графички дизајн во светот, кое се случува на почетокот на споменатата сезона.
Од 04 до 09 октомври во Москва, Русија се одржа 12. Биенале за графички дизајн „Златна пчела“. Во рамки на ова биенално издание гости беа Ерик Бранд, Стефан Бунди, Кеизо Матсуи, Филип Третјаков и други реномирани имиња од графичкиот дизајн. Во над 50 активности – изложби, предавања и презентации беа претставени најнаградуваните дела што ја одбележаа изминатата година, постери од руската школа на плакат, постери од социјални и општествени акции и проекти, типографски дела…
Како дел од програмата и во рамки на изложбите кои се вон-конкуренција претставени беа најдобрите 10 плакати од последниот скопјепостер конкурс. Делата на Клајн од Македонија, Клешта, Депта, Јашчук и Врона од Полска, Јанг од Кина, Саеди од Иран, Милс и Мартинс од Португалија ја збогатија изложбената поставка на 12. Бинеале „Златна пчела“.
Постерите на топ 10те финалисти од 8. Скопјепостер – Меѓународен студентски конкурс за плакат по гостувањето на One Design Week во Бугарија, ШУНД фестивалот во Белград ја пренесоа пораката за потребите на луѓето со попреченост и во Москва, Русија.
Плакатите од 8. МСКП „Сите за луѓето со хендикеп“ е планирано да бидат изложени надвор од Македонија и во наредниот период, за што детали ќе бидат објавени наскоро.
За повеќе информации за 12. Биенале за графички дизајн: http://2016.goldenbee.org/