Повторно по четири години „Скопје постер фестивал“ пред многубројната публика ги претстави победниците на овогодинешното девето издание во просторите на Музеј на Град Скопје.
„Криза на идентитет“ е темата на овогодинешниот конкурс, која сметавме дека е актуелна во целиот свет, тоа го покажа и бројката од 33 отсто зголемување на пристигнати дела во однос на минатите години, како и разноликоста на учесниците. Делата од сите континенти се доказ за големиот интерес за темата и овој вид на уметност-рече Гере Трипков, организатор на настанот и претседател на Здружението „ПлакАрт“.
Комисијата составена од пет меѓународни судии: Мишел Буве (Франција), Фонс Хикман (Германија), Фин Нигард (Данска), Ришард Каја (Полска) и Тони Васиќ (Македонија) по четричасовно жирирање ги додели 10-те награди: две главни признанија од ист ранг, две специјални и шест почесни награди.
Претседателот на жирито Тони Васиќ пред присутните ги претстави добитницина награди од ист ранг: Мигуел Ангел Рангел, Универзитет во Сан Луис Потоси од Мексико и Река Немеди Варга од Метрополитен Универзитет – Будимпешта,Унгарија.
Двете специјални награди од жирито беа доделени на Шујун Лиу, Ксиамен Универзитет, Тан Ках Ки Колеџ, Кина и Дикле Јилдирим, Докуз Универзитет, Турција.
Додека пак, почесни признанија добија Јуниј / Зежун Шан / Уанг, Мериленд Институт – Колеџ за уметност од САД, Кајли Димик, Пратт Школа за дизајн од САД, Лазар Митровиќ, Факултет за филологија и уметност од Србија, Инес Филипа да Коста Пимента Кардосо, Школо за убави уметности и дизајн од Португалија, Никола Марфи, Универзитет од Болтон, Обединето Кралство и Карол Шчепанкиевич, Универзитет Никола Коперник од Полска.
Фестивалските денови продолжуваат со презентации и работилници од светски реномираните предавачи, чии дела се наоѓаат по светските музеи, на теми „Македонија како туристичка дестинација“, „Дизајнирај влијателен социјален плакат“, „Плакат, уметност од улицата“ и „Дизајнирање постер за џез настан“ се наменети за сите студенти и професионалци дизајнери.
Изложбата на плакати во Музеј на Град Скопје ќе биде поставена до 30 ноември.