Затворањето на последните изложби од Скопје постер фестивалот во Музејот на град Скопје го заокружи 10-то јубилејно издание.
Фестивалот, кој се одржа од 14 ноември до 04 декември 2017 година, понуди изложби, мастер-работилници, дизајн конференција, панел дискусија, дружење со менторите, забавна вечерна програма.
Жирито составено од графички дизајнери од 5 земји имаа тешка задача да ја направат селекцијата од иљадници пристигнати плакати од 68 земји ширум светот на 10 скопјепостер конкурс на тема “Вештачка реалност”. Стотина финалисти, меѓу кои и 4 автори од Македонија, се пласираа во почесната селекција за избор на најдобрите. Главните награди заминаа во рацете на дизајнери од Полска и Русија, наградите од жирито беа доделени за плакати од Македонија и Унгарија, а останатите 6 почесни ги добија млади дизајнери од Канада, Кина, Полска, Унгарија.
Јубилејниот Скопје постер фестивал го посетија Лекс Древински, Лех Мајевски, Реза Абедини, Свен Сориќ и Хрвоје Спудиќ, придружени од македонските дизајнери Лазе Трипков и Иван Дургутовски, гости и членови на жирито кои создадоа одлично фестивалско уживање за креативците.
Во рамки на фестивалот, на 17 ноември, се одржа панел дискусија на тема “Дизајнот и социјалната инклузија” и дизајн конференција насловена “5 искуства за успешен дизајн”. Панел-дискусијата со учество на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, заменик шефот на UNDP Нарине Сахакјан и заменик амбасадорот на Амбасадата на Швајцарија, Стефан Томаџиан, надополнета со презентација на Лазе Трипков за влијанието кое го има дизајнот врз општествените промени и за поголема вклученост на маргинализираните групи понуди корисни искуства и послужи за создавање основи за понатамошна соработка на владиниот сектор и меѓународните организации од една страна и креативните работници од друга страна. Детали за иницираните проекти ќе бидат објавени наскоро.
Освен јубилејната конкурсна поставка, пропратена со изложби од работилниците ширум светот, на фестивалот беа прикажани и изложби на Современ македонски плакат со учество на плакатисти од земјава, на дела од работилниците со Реза Абедини и Лекс Древински, како и изложба на “аналогни” плакати на дуото Свен и Хрвоје – This Town Needs Posters од Хрватска. Издвоената специјална изложба на 50 дела од жири членовите се одржа во Four Restaurant.
Фестивалот, поддржан од Министерството за култура, се одвиваше на 5 локации, Музејот на град Скопје, Брик Бар, Твинс, Four Restaurant, Park Hotel & Spa.
Во наредните месеци изложбата на тема “Вештачка реалност” ќе биде прикажана во неколку градови ширум Македонија. Полска и Турција се само првите од серијата планирани пофестивалски дестинации вон земјава.