Project Description
9. Скопје постер фестивал „Криза на идентитет“
Информации за проектот
Дата: 21 ноември – 05 декември 2016
Локација: Музеј на град Скопје, Скопје
Денеска завршува 9. Скопје постер фестивал, кој во изминативе 15 дена, се одржа во Музеј на град Скопје. Во рамки на фестивалот, покрај изложените дизајнерски дела во рамки на 4-те изложби, се одржаа и презентации и работилници на светски реномираните предавачи на теми „Македонија како туристичка дестинација“, „Дизајнирај влијателен социјален плакат“, „Плакат, уметност од улицата“, „Дизајнирање постер за џез настан“, наменети за студенти и професионалци дизајнери.
На фестивалот, насловен како „Криза на идентитет“, во рамки на главната изложба на плакати од меѓународниот конкурс за плакат, беа изложени дела на студенти од сите континенти, оценувани од страна на 5-члена жири комисија составена од меѓународни судии – Мишел Буве (Франција), Фонс Хикман (Германија), Фин Нигард (Данска), Ришард Каја (Полска) и Тони Васиќ (Македонија).
Оваа година, двете главни награди ги добија Мигуел Ангел Рангел од Мексико и Река Немеди Варга од Унгарија. Двете специјални награди од жири комисијата беа доделени на Шујун Лиу, од Кина и Дикле Јилдирим од Турција. Додека, почесните признанија ги добија Јуниј / Зежун Шан / Уанг од САД, Кајли Димик од САД, Лазар Митровиќ од Србија, Инес Филипа да Коста Пимента Кардосо од Португалија, Никола Марфи од Обединетото Кралство и Карол Шчепанкиевич од Полска.
Освен изложбата на финалисти од 9. Скопје постер конкурс „Криза на идентитет“ во издвоени поставки беа изложени специјална селекција на дела од членовите на жирито, дела од победникот на минатогодишниот конкурс Каја Депта – Клешта и плакати од работилниците кои беа изработувани во текот на целата година за овогоднешниот конкурс.
Специјален гостин на 9. Скопје постер фестивал беше Каја Депта – Клешта, која како победник на 8. Скопје постер конкурс доби право да изложува на 9. СПФ и да одржи презентација за нејзиното дело и влијанието на овој интернационален конкурс врз нејзината кариера.
Објавувањето на 10. Скопје постер Меѓународниот студентски конкурс за плакат е закажан за јануари/февруари 2017 година.
Пренесете ги своите импресии во коментарите подолу, споделете ја оваа галерија на социјалните мрежи! 🙂