„Хендикепот е мајка на перфекцијата“, Нема ништо поубаво од разликите“, „Тие слушаат, гледаат, зборуваат, но, ние не ги разбираме“…ова се само дел од пораките со кои вчера вечер, во галеријата на МКЦ беше отворен 8-от Скопје постер фестивал, чија тема годинава е „Сите за луѓето со хендикеп“.
Овогодинешниот конкурс на кој пристигнаа рекордни 2674 постери од 1869 учесници од 52 земји, помина во знакот на полската графичка школа. Жирито во состав: Петер Поч (претседател) – Унгарија, Гец Грамлиш – Германија, Паула Трокслер – Швајцарија, Петер Банков – Русија и Ласко Џуровски – Македонија ја прогласија Каја Клешта од Полска, која ги доби двете главни награди со два свои постера, за апсолутен победник.
Нејзиниот сонародник Пјотр Депта ја доби специјалната награда доделувана од Плакарт, а сертифицирана од ИКОГРАДА, најпрестижната организација за графички дизајн во светот, чиј единствен член од Македонија е Плакарт.
Почесните награди ги добија Бо Јанг од Кина, Ана Јашчук од Полска, Фарзад Саеди од Иран, Дагмара Врона од Полска, Анке Клејн од Македонија, Амир Милс и Флавија Мартинс од Португалија.
„Оваа тема ја одбравме како дискусија која има за цел да собере ставови и размислувања од страна на студентите. Зошто токму студентите? Затоа што едноставно студентската идеја е секогаш толку продорна и јасна во однос на комуникацијата што не содржи никакви надворешни влијанија и аспекти на комуникација којашто е директно поврзана со некаква промоција. Со оваа изложба, ние се трудиме да ги срушиме бариерите и да укажеме на проблемите со кои се соочуваат хендикепираните не само во Македонија, туку и насекаде низ светот“ изјави Лазе Трипков, претседател на НВО Плакарт, кои се организатори на фестивалот.
Претседателот на жири комисијата, Петер Поч, објавувајќи ги победниците, објасни дека годинава се случил преседан, бидејќи жири комисијата, која ги разгледува трудовите анонимно, избрала за првите две места два постера од истиот автор, што е неверојатно дури и во пошироки рамки. Со тоа Каја Клешта и стана апсолутен победник.
Инаку, за прв пат, во 100-те финалисти чии постери се дел од изложбата, се најдоа и петмина Македонци, што е доказ дека графичкиот дизајн во Македонија се движи во нагорна линија.
Вториот ден од СПФ беше резервиран за предавањата на мајсторите на графичкиот дизајн: Паула Трокслер на тема “Развивање дизајн идеи“, Ласко Џуровски на тема “Кирилица – вчера, денес и утре“, Гец Грамлиш на тема „Комерцијални, културни и социјални дизјан проекти“, Петер Поч со темата „Постери и идеи“ и Петер Банков ќе за спецификите на рускиот графички дизајн.
Во текот на вечерта беше отворена изложбата на специјална селекција на дела од жири членовите во МКЦ клуб ресторанот, која исто како и изложбата на студентски постери, е отворена за посети до 05 декември.